08/03/2021

Жените го менуваат светот

Оваа универзална вистина е потврдена во историјата со низа инспиративни приказни на жени кои го менуваат светот во кој живееме, чекор по чекор. Примери за храбри и успешни жени, со генијални идеи кои треба да бидат слушнати. Жени со силно влијание во сите сфери, знаат да менаџираат, да иновираат, да конструираат. Жените можат сè!

Денес успешните женски приказни се инспирација за целиот свет и уште повеќе ја нагласуваат високата општествена улогата на жените кои се на клучни позиции, кои водат цели држави, светски организации, приватни бизниси, жени кои во исто време се столбови на општеството и домот.

Но, тоа не било секогаш така. Историјата на светот бележи периоди низ кои женскиот глас бил нем, неслушнат, неиспочитуван и забрануван. На жените им биле ускратувани права и слободи, а рамноправноста со мажите била нешто за кое што само потајно се мечтаело, и тоа од страна на малкумина. Затоа, жените кои во ваквите периоди се избориле за својот глас, за своето место во општеството и стигнале до посакуваниот успех заслужуваат длабока почит од сите, особено од жените.

Марија Склодовска – Кири, првата и единствена жена која е двократен добитник на Нобелова награда во две различни научни области – физика и хемија и првата жена која имала докторат во Франција. Во сферата на науката, апсолутно е неопходно да се спомене и името на Розалинд Френклин, жената која ги поставува темелите на ДНК науката и генетскиот инженеринг и поради која денес знаеме сè она што знаеме за нашите наследни особини. Тука ја имаме и Роза Перкс, која за разлика од Марија Кири и Розалинд Френклин, дејствува во општествениот свет и како граѓански активист успева да поттикне промена. Таа неретко е нарекувана „Мајка на движењето на слободата“, затоа што со нејзиниот активизам успева да издејствува права за сите Афроамерикаци. Мери Вулстонкрафт ќе остане запаметена како една од првите феминистки чија борба е во самите корени на половата рамноправност. Не би можеле, а да не ги спомнеме Клара Цеткин и Роза Луксембург без кои борбата за женските права не би била иста, а денешниот празник веројатно и не би постоел онаков каков што е.

Листата не застанува тука. Во историјата се впишани голем број жени кои на еден или друг начин, во еден или друг сегмент допринеле и оставиле свој печат. Џеј Кеј Ролинг, Одри Хепбурн, Малала Јусафзај, Фрида Кало, Вирџинија Вулф, Кралицата Елизабета и Принцезата Дијана, Коко Шанел, Опра Винфри и... ВИЕ. Да, сите Вие прекрасни, успешни, силни и храбри жени кои го читате овој текст. Вие се вбројувате во листата на жени кои го менуваат светот. Без разлика дали навистина ќе се впишете во некоја историска книга или не, Вие го менувате светот во од, со секое ново утро, секоја нова цел и секој нов успех.

Чекорете храбро низ животот и не заборавајте дека Вие сте промената.

Честит 8ми март.

Најнови новости

IQOS турнејата продолжува во Охрид и Струга
Прочитајте повеќе
Зборуваме со тимот IQOS експерти
Прочитајте повеќе
Биди дел од IQOS CLUB
Прочитајте повеќе
IQOS повторно на FWSK
Прочитајте повеќе